Кој е Хоселу? Херојот на Реал на пат до финалето до Лигата на шампионите: Смртта на неговиот татко го променила, работел во ресторан и чекал повик од Мадрид

Точка

09/05/2024

16:29

3.019

Големина на фонт

а а а

Драмата која само фудбалот може да ја режира е видена на натпреварот меѓу Реал и Баерн во реваншот од полуфиналето од Лигата на шампионите. Славеше кралскиот клуб со головите на искусниот напаѓач Хоселу со резултат 2-1.

Кога тренерот на Реал Карло Анчелоти одлучи во 81-ва минута на местото на Ернесто Валверде да го воведе Хоселу, многу навивачи на Реал се фаќале за глава. Не им било јасно што планира искусниот Италијанец. Но, како и секогаш досега, измените на Карло беа добитни. Хоселу прво во 88-ма, а потоа и 90-та минута ја погоди мрежата на Мануел Нојер. За ерупција од воодушевување на стадионот Сантијаго Бернабе и чекирање на карта за финалето на Лигата на шампионите, на 1-ви јуни на Вембли против Борусија Дортмунд.

Кој е Хозе Луис Мато Санмартин, попознат како Хоселу? Човекот за кој фалење пишуваат шпанските, но и светските медиуми. Фудбалерот кој на 34 години дојде до центарот на вниманието на спортска јавност и стана планетарно популарен.


Хоселу е роден во Германија, во Штутгарт, каде работеле неговите родители. Таму тргнал во училиште, го совладал јазикот, а потоа мајка му и татко му одлучиле да се вратат во Шпанија, во покраината Галиција. Почнал да тренира фудбал во клубот Сиљеда, а потоа преминал во Селта, каде го откриле и работеле на неговиот талент. Живеел кај својата тетка на 80 километри оддалеченост од дома, како дете од 11 години, само за да тренира фудбал. Таму одел во училиште, а за викенди доаѓал дома, за на татко му Рамон и мајка му Елвира да им помага во семејниот ресторан. Никогаш не сакал да зема пари од родителите, сметајќи дека негова должност е да им помага.


Таткото на Хоселу, Рамон, бил клучна личност за љубовта кон фудбалот на својот син. Од мали нозе го насочувал кон фудбалската топка. Во текот на растењето Рамон секогаш бил најголемата поддршка за синот. Во 2017-та Рамон одненадеж починал на 68 години. Лошата вест му ја јавила неговата сестра, додека бил на свадба кај еден пријател во Барселона. Тоа било голем удар за Хоселу, бидејќи кон својот татко чувствувал големи емоции. Кога му се родил син, Хоселу признал дека почувствувал тага, бидејќи тогаш се сетил на својот татко. Му било жал затоа што Рамон не можел да го земе својот внук во прегратка.

Животот на Хоселу би можел да послужи за едно добро филмско сценарио. Шпанецот не игра за „ситно“ во Реал, како што пренеле многумина, бидејќи годишно заработува нешто повеќе од 2,3 милиони евра, но сепак е најслабо платениот фудбалер на кралскиот клуб.

Парите кои Хоселу ги зема од клубот, се многу помали од оние кои ги заработуваат Белингем, Винисус, Модриќ, Алаба или најплатениот меѓу избраните, Тони Крос. Сите тие годишно заработуваат десет пати повеќе од Хоселу, околу 20.000.000 евра.


И уште една важна работа. Хоселѕ минатото лето пристигна во Реал како позајмен играч од Еспањол, кој испадна во втората лига. Значи, не е играч под договор со кралскиот клуб, бидејќи Реал за него платил 500.000 евра за позајмица. Ќе биде интересно да се види што ќе одлучи за неговиот статус претседателот на Реал, Флорентино Перез на крајот од сезоната. Реал има можност да се изјасни до 30-ти јуни за откуп на неговиот договор.

Тоа што е сигурно е дека Хоселу неизмерно го сака Реал од Мадрид. Тоа е љубов од детството, која фудбалерот никогаш не ја криел. Како момче од 19 години пристигнал од Селта во Реал, кој веднаш го пратил во Б тимот. Таму блескал и бил неверојатен тандем со Алваро Мората. Имал и разговор со тогашниот тренер Жозе Мурињо, кој го повел на подготовки во Америка. Ја делел соблекувалната со Кристијано Роналдо, Кака, Пепе, Раул, Марсело.

Заедно со Мигел Бернал и Емилио Бутрагењо, Хоселу е најдобар стрелец на сите времиња за Реал Мадрид Б со 40 постигнати голови. Но, тоа не било доволно за првиот тим на Реал, бидејќи запишал само еден натпревар во сезоната 2011/2012. Дебитирал против Алмерија, кога го заменил Карим Бензема во 85-та минута. Тогаш купил 50 карти за своите пријатели да го гледаат. После тоа одлучил среќата да ја побара надвор од Шпанија.

Првата станица, природно била Германија, каде потпишал за Хофенхајм. Потоа играл за Ајнтрахт и Хановер, за во 2015-та година да пристигне во англиски Стоук. Тука требало да ја сочинува напаѓачката тројка со Бојан Кркиќ и Марко Арнаутовиќ, но тренерот Марк Хјуз и Хоселу никако не успеале да пронајдат заеднички јазик. Следела позајмица во Депортиво, а потоа и преминување во Њукасл, кој го платил 5.000.000 евра. После две сезони отишол во Алавез. Тука бил најпродуктивен, бидејќи во три сезони забележал 110 настапи и постигнал 36 гола. Кога му истекол договорот, Хоселу се одлучил за Еспањол. Се после тоа е историја.


За репрезентацијата на Шпанија одиграл 10 натпревари и постигнал 5 гола. Како млад фудбалер преговарал и со ФС на Германија, бидејќи имал државјанство на таа земја. Рекол дека во срцето му е Шпанија, бидејќи е Шпанец, но ако татковината не го повика, нема да има ништо против да игра за Германија. Веќе во 2016-та дебитирал во пријателски натпревар против Венецуела, но за следниот повик чекал цели 7 години.

Враќањето во Реал било остварување на детскиот сон. Знаел дека го чека улога на џокер и свесно ја прифатил. Посебно по разговорот со Карло Анчелоти кој го сакал во тимот. Второто деби за Реал после 12 години од првото го имал во победата против Билбао, кога влегол во 80-та минута. Првиот гол за Реал Хоселу го постигнал против Хетафе, во победата од 2-1. Првиот натпревар во Лигата на шампионите го запишал на 20-ти септември против Унион Берлин, а првиот гол во елитното натпреварување на УЕФА го постигнал против Наполи (4-2). Првиот трофеј во кариерата го освои минатата зима, и тоа шпанскиот Суперкуп.


Хоселу е семеен човек. Оженет е со Мелани Кањизарес со која има два сина, Лео и Лукас. Интересно, Хоселу и неговиот соиграч од Реал Дани Карвахал се венчани за две сестри близначки. Двајцата се познаваат од младинските селекции на Реал, а бекот бил пресреќен кога дознал дека неговиот пријател летово ќе потпише за Реал Мадрид.




Спонзорирани линкови

Маркетинг