Што се случува со популарниот Вагнер? По смртта на Пригожин се поделил на неколку делови, а и натаму задава големи проблеми – еве зошто!

Точка

29/04/2024

18:23

3.689

Големина на фонт

а а а

Седум месеци по смртта на Евгениј Пригожин, непослушниот олигарх чиј приватен воен одред познат како Вагнер ја предводел побуната против рускиот претседател Владимир Путин, руската држава воспоставила контрола над платениците и ги ставила на располагање за спроведување агенди во Кремљ.

Вагнер се разбил најмалку во четири помали групи. Со мешање на борците со други платеници лојални на Владимир Путин, руската влада се надева дека ќе спречи повторување на настанот од минатата година, кога Вагнер му го заврти грбот на рускиот претседател и на неговото Министерство за одбрана.

„Дел од целта на реструктурирање е да се обезбеди поголема контрола над операциите во целина“, изјавило едно од американските официјални лица, пренесува „Политико“.


Делуваат по Африка

Новите приватни армии веќе се распоредени на специјални мисии ширум светот, вклучувајќи ги и Украина и Африка, каде се очекува дека ќе имаат слична дестабилизирачка улога на глобалната сцена како кога биле под команда на Евгениј Пригожин, рекле официјалните лица.

Реконструираната група веќе ја принудила администрацијата на Бајден да ги повлече трупите од Нигер и Чад после големите неуспеси во борбата против тероризмот, истовремено претставувајќи предизвик за американската политика во Централноафриканската Република, Мали, Буркина Фасо, Либија и други африкански земји.

Една од четирите групи е усогласена со националната гарда на Русија. Тие веќе биле преместени во Украина и изгубиле значаен број борци. Другите две групи делуваат под контрола на Министерството за одбрана и московските разузнавачки служби. Четвртата група, позната како африкански корпус, усогласена е со постоечката група Редут и сѐ уште работи на преземање на контролата над поранешните сили на Вагнер во некои африкански престолнини, изјавиле американските официјални лица.

Малку се знае за распределбата на новите фракции, вклучувајќи го и фактот колку членови доаѓаат од Вагнер на Пригожин во споредба со другите постоечки паравоени организации.

Исто така не е јасно во која мера синот на Пригожин, којшто првобитно ја презел контролата над Вагнер по смртта на татко му, е вклучен во сето тоа. Младиот Пригожин веројатно е на чело на некои од силите во Централноафриканската Република и Мали.


Смртта на Пригожин – отстранување на единствената закана на владеењето на Путин

Пригожин почина минатиот август, кога неговиот авион експлодираше во воздух. Несреќата беше окарактеризирана како убиство кое било организирано од страна на руската држава, наредено од страна на Путин. Тоа го означи отстранувањето на една од посериозните закани за владеењето на Путин. Пригожин се збогати како личен готвач на Путин пред да го основа Вагнер во 2017 година.

Дозволување на блискиот сојузник на Кремљ да изгради неофицијална приватна војска беше корисно за Русија за извршување на тајни мисии ширум светот.

Меѓутоа, поради тоа што Вагнер го ширел својот глобален опсег, станувал сѐ понезависен од руската контрола. Путин ги толерирал промените додека борците на Вагнер прифатиле важни улоги во неговата војна со Украина. Меѓутоа, во јуни минатата година, Пригожин и неговите платеници му го завртија грбот на Путин поради неспособноста на неговото Министерство за одбрана во водењето на војната.


Тоа довело до серија конфликти со руските сили додека луѓето на Пригожин марширале кон Москва во очигледен обид на пуч.

Пригожин конечно се откажал од договорот којшто го постигнале сојузниците на Русија во Белорусија. Но, во рок од два месеци, Пригожин „починал“ заедно со уште девет луѓе кога неговиот авион исчезнал и се срушил додека летал од Санкт Петербург во Москва.

Смртта на Пригожин ја оставила судбината на неговото царство во неизвесност. Тогаш Вагнер бил во процес на воспоставување блиски врски со лидерите на непослушните африкански држави, давајќи им сигурност на диктаторите додека спроведуваат операции во рударството.

Контрола над рудниците на злато, ширење лажни вести

Во Централноафриканската Република, Вагнер ја презел контролата на рудникот за злато. По смртта на Пригожин, неговите поранешни подредени значително го прошириле рудникот, но сѐ уште не го нашле начинот ефикасно да тргуваат и да откопуваат минерали. На глобалниот пазар би оствариле стотици милиони долари профит.

Пригожин исто така ја надгледувал операцијата на ширење на лажни вести што довело до протести во Африка, а целта била да се дестабилизираат изборите ширум западна Европа и САД.

Нововоспоставената команда над приватните платеници имала огромни последици за геополитиката. Таа би можела да ги ослабне напорите на администрацијата на Бајден во борбата против тероризмот, промовирањето на демократијата и воспоставување дипломатски врски со новонастанатите режими, особено во Африка.


Американските закони ја туркаат Африка во „прегратките“ на Русија

По закон, САД не може да им даде помош на владите кои ја преземаат власта по пат на воени пучеви, што ефектно ги остава чекор зад Русија во таквите ситуации.

Директната контрола на Москва над паравоените групи исто така би можела да убеди некои африкански земји кои претходно биле симпатизери на Вагнер, кои биле под глобални санкции како криминална организација, да го преиспитаат својот отпор. Последици на тоа што Москва користи платеници за ширење на своето влијание во Африка веќе се видливи во Нигер, една од најважните постави во војната против тероризмот.

Воените лидери во таа земја ја презеле контролата од избраниот претседател на земјата, Мохамед Базум, минатиот јули.

Пучистите го натерале Вашингтон да ја запре економската и воена помош во земјите додека администрацијата на Бајден вршела притисок на воените лидери да се вратат на демократијата под цивилно раководство. Меѓутоа, претходно месецов стотина руски платеници пристигнале во главниот град Ниамеј, тврдејќи дека се тука да помогнат во обука на војската и да влезат во формално партнерство со владејачкиот режим.


Нивното доаѓање се случило неколку денови пред администрацијата на Бајден да објави дека САД ќе повлече 1000 свои војници од земјата после речиси 10 години, создавајќи впечаток дека руските сили ги замениле американските во земјите каде терористичките групи организирале и планирале глобални напади.

Во меѓувреме, администрацијата на Бајден објавила дека повлекува околу 75 специјални сили кои извршувале улога во борбите против тероризмот во Чад, на барање на локалната Влада.

Поранешните борци во Вагнер остануваат активни и во Мали, Либија и Судан каде имаат договори за давање безбедност на нестабилните режими. САД се обиделе да се спротивстават на присуството на Вагнер во тие земји и во Централноафриканската Република, повикувајќи ги официјалните лица да се дистанцираат од Русија.

Вагнер се опасност и за Русија

Две американски официјални лица во разговор за „Политико“ предупредуваат дека постои ризик по руската стратегија – особено во врска со постојаните прашања за лојалност на поранешните припадници на Вагнер и нивната подготвеност да ги прифатат наредбите од често оспоруваното Министерство за одбрана на таа земја.

Уште пред побуната, Пригожин често јавно го осудуваше Министерството за одбрана, обвинувајќи ги лидерите за неуспесите на бојното поле во Украина. А, неговото конечно оттргнување од Путин се случило кога се обидел да изнуди замена на Сергеј Шојгу, министерот за одбрана и Валериј Герасимов, началник на Генералштабот.


Тој тврдел дека тие лошо управуваат со руските трупи, како и дека претерале, претставувајќи ја Украина како поголема закана отколку што е за да го натераат Путин да започне непријатна војна.

Многу од припадниците на Вагнер останале верни на сеќавањето на Пригожин и баш како и тој, не го сакале министерот за одбрана.




Спонзорирани линкови

Маркетинг