Откриен идентитетот на напаѓачот од Сиднеј

Точка

14/04/2024

09:45

4.162

Големина на фонт

а а а

Мажот кој вчера избоде шест лица до смрт во Сиднеј во минатото имал проблеми со менталното здравје и нема индикации дека идеологијата била мотивот за нападот во трговскиот центар, соопшти полицијата.

Напаѓачот, кој полицијата го идентификуваше како 40-годишниот Џоел Каучи, ѝ е познат на полицијата во соседната држава Квинсленд, која разговарала со неговото семејство по вчерашниот напад, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс и Квинсленд. Семејството го препознало Џоел и стапило во контакт со полицијата откако ја виделе веста за убиствата.

„Кога семејството ги видело снимките од настанот на телевизија, помислиле дека можеби е нивниот син и ги контактираа властите“, изјави Роџер Лоу, помошник полициски комесар во Квинсленд. Каучи избоде шест лица до смрт и повреди најмалку 12 пред да биде застрелан од инспекторката Ејми Скот, која самата му се спротивставила.

Како што пренесува „news.com.au“, Каучи се огласувал на интернет како машка придружба. Од 17 лица кои ги избодел, 14 биле жени.


„Спиел во автомобилот, неодамна се доселил во Сиднеј“

На Каучи му биле дијагностицирани проблеми со менталното здравје кога имал 17 години и бил во чест контакт со полицијата во последните 4 до 5 години, вели полицаецот Лоу од Квинсленд. Живеел лутајќи, неодамна спиел во својот автомобил и ретко бил во контакт со мајка му преку СМС пораки, изјавил Лоу, додавајќи дека мажот неодамна се преселил во Сиднеј.

Полицијата соопшти дека го пребарала малиот простор за складирање што тој го изнајмил, но не нашла докази кои би укажувале на тоа дека планирал напад.

Од шестмината убиени, пет се жени. Шестата жртва бил чувар на трговскиот центар, соопшти полицијата. Меѓу оние кои се пренесени во болница со убодни рани има и 9-месечно бебе кое е во тешка, но стабилна состојба. Ешли Гуд, мајката на бебето, почина во болница од здобиените повреди, соопшти нејзиното семејство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг